latinica

СтуЛиКон 2015

Пишува: Нина Никодинова (Филолошки факултет „Блаже Конески“, Скопје)

Во Скопје, Р. Македонија, од 24-26. април 2015. година се одржа четвртата Студентска лингвистичка конференција СтуЛиКон. Организацискиот одбор го сочинуваа бивши студенти на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, но и сегашни студенти на истиот, кои како волонтери на конференцијата, безрезервно се посветија на настанот и пречекувањето на гостите. По одржувањето на СтуЛиКон во Белград (2011. год.), во Загреб (2013. год.) и во Сараево (2014. год.), на наше огромно задоволство, идејата да се организира оваа студентска лингвистичка конференција во Скопје беше одлично прифатена.
Подготовките за конференцијата се одвиваа шест месеци и вродија со плод - успешна регионална лингвистичка конференција. СтуЛиКон 2015 беше посетен од над осумдесет гости, меѓу кои студенти на додипломски студии, магистранти и докторанти од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија и Грција. Лингвистичката ризница се збогати со над седумдесет трудови од повеќе лингвистички подрачја: фонетика, фразеологија, морфологија, морфосинтакса, семантика, социолингвистика, психолингвистика, дијалектологија, лексикологија, правопис, компаративна граматика, стилистика, применета лингвистика, прагматика, транслатологија, зборообразување, методика на настава, историја на јазик, прозодија, преведување и толкување. Официјални јазици на конференцијата беа сите јужнословенски јазици и англиски јазик. Излагањата беа поделени во три паралелни сесии и се одвиваа од 24. до 26. април. Конференцијата беше отворена во петок, на 24. април од Организацискиот одбор на СтуЛиКон и исто така беше поддржана и поздравена од деканот и продеканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Потоа следуваше пленарно предавање на проф. д-р Елени Бужаровска и проф. д-р Лилјана Митковска. Првиот ден беше особено интересен и богат со содржини, бидејќи освен излагањата на учесниците, организирана беше и промоција на книга, како и работилница со проф. д-р Рајна Кошка-Хот по повод 451 година од раѓањето на Шекспир. Работилницата беше интерактивна, што е од особено значење бидејќи беа вклучени студенти од Катедрата за англиски јазик и книжевност од Филолошкиот факултет од Скопје, а на тој начин учесниците од сите земји можеа да споделат искуства и да разменат идеи. Вториот ден, освен со новите теми и излагања на учесниците, беше одбележан со пленарно предавање на проф. д-р Томислав Треневски и излагање на Американката Abigail Jones на тема Musicality of Great Speakers - Dr. Martin Luther King.
Гостите и домашните учесници на оваа конференција не беа побогати само со нови знаења и инспирација за понатамошни истражувања, туку и со нови познанства, како и продолжување на веќезапочнатите пријателства. Скопје во април беше собиралиште на млади лингвисти кои заедно го разгледуваа и запознаваа градот и македонската култура, а истовремено, творејќи и дискутирајќи за лингвистиката, придонесоа многу за оваа наука.

Powered by Bullraider.com